Нов блесок на гевгеличани: Блокотехна лесно го освои Кавадарци!

Кошаркарите на Блокотехна остануваат непоразени по 2. коло од Првата лига, откако големиот триумф пред една недела против МЗТ Скопје, вечерва, во Кавадарци, го заверија и со победа над Фени индустри со 76-66.

Клучна за триумфот на гевгеличани беше одличната игра во вториот период, кој го добија со двоцифрена позитива (23-10), доволна за освојување на целиот плен на секогаш жешкото гостување во „Јасмин“. Далеку подобриот шут (54%-37%) како и поголемиот број скокови (39-33) се елементите кои пресудија во полза на четата предводена од тренерот Марјан Илиевски.

Најзаслужен за триумфот на Блокотехна беше Марјан Младеновиќ, кој средбата ја заврши со 19 поени и осум асистенции, додека Данило Мијатовиќ и Повилас Гаидус реализираа 17 односно 13 поени со девет односно 13 скока. Американецот Кенет Фундербург со 13 поени беше најпрецизен кај кавадарчани.

Претходно денеска, Работнички, МЗТ Скопје и Кожув беа подобри од Пелистер, Шкупи и АВ Охрид. Втората рунда ќе биде заокружена утре со мечот помеѓу Куманово и Гостивар (17.45 часот).