Нов Американец во Аеродром: МЗТ Скопје најде замена за Барнет и Гочер!

Актуелниот македонски кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, обезбеди ново американско засилување, како замена за Доминез Барнет, кој кратко се задржа, и кој требаше да ја пополни празнината по заминувањето на Тодрик Гочер во Грција.

Станува збор за нов Американец и тоа Френк Тарнер (32 год, 180 см), кој игра на плејмејкерската позиција и кој во Аеродром доаѓа од Унгарија, каде што го носеше дресот на Корменд. Новиот „металец“ е исклучително искусен, со оглед што повеќе од една деценија игра во Европа, каде што првпат дојде како играч на холандски Ден Бош. Тарнер потоа настапуваше за екипи како Трефл Сопот, Антверпен, Клуж, Рилски спортист и Крејлсхајм Мерлинс од Германија.

Засилувањето на четата на тренерот Ѓорѓи Кочов зад себе има шампионска титула во Холандија, како и два победнички пехари од националните купови во Бугарија и во Полска. Тој е веќе во Скопје каде што работи со новите клупски колеги, а дебито може да го има следниот викенд во домашното првенство (ако се игра), или, пак, следната среда во Сараево на првото интернационално вечно дерби против Работнички.