Никој нема лек за центарци: Работнички ги преслуша кумановци за безгрешни 12-0!

Кошаркарите на Работнички остануваат единствениот непоразен тим досега во Првата лига, откако вечерва, на домашен терен, дојдоа до 12. победа по ред и тоа во дерби пресметката со Куманово (81-77).

Центарци сосема заслужено дојдоа до бодовите, иако во финишот му дозволија на противникот максимално да се приближи и да се закани со целосен резултатски пресврт. Избраниците на тренерот Марин Докузовски водеа и со плус 14 (70-56) во финишот од третиот период, но потоа како да застанаа. Кумановци го искористија овој празен од на домаќинот и со максимално борбена игра намалија на само два поени негатива (75-77) на две минути до крајот. Но, тоа беше сѐ од нив, бидејќи далеку поискусниот црвено-бел тим умешно ја приведе средбата до победнички крај.

Американецот Маркус Гинјард со 19 поени и осум скока беше најефикасен кај Работнички, Ѓорѓи Чековски реализира 17, а Кирил Николовски 15 поени. Марјан Јанески со 23 поени беше најпрецизен кај Куманово.

Во последниот денешен меч, пак, од 12. рунда, АВ Охрид лесно и убедливо го преслуша тимот на Струмица (103-61). Претходно, Блокотехна го растури Кожув, Гостивар немаше проблеми со Фени индустри додека Пелистер како гостин го совлада Шкупи. Последната средба се игра в среда, кога МЗТ Скопје ќе го пречека Карпош Соколи.