„Лисиците“ спиеја цело лето, па дури кога почна лигата решија да - плукаат по МКФ!

Екипата на Водњански лисици беше меѓу двете најдобри во Втората лига минатата сезона, што автоматски им донесе промоција во кошаркарската елита која, сепак, не ја „помирисаа“ откако беа елиминирани поради ненавремено плаќање на котизацијата.

Тоа всушност беше само формална причина за нивна елиминација, со оглед што управата на клубот не можеше да најде средства за настап со најдобрите, барем такви беа изјавите од овој тим во текот на летото. „Лисиците“ молчеа цело време, дури и кога Шкупи на мала врата беше протнат со дозволување подоцна да ги плати обврските, а решија да „поплачат“ дури на денот кога почна новата сезона.

„Управниот одбор на Водњански лисици ја информира јавноста дека поради недоследноста и дезинформациите добиени од МКФ, нашиот сениорски машки тим, иако минатата сезона како втор во Втората Лига се избори за враќање во елитата, не игра во Првата лига во оваа сезона во која напролет клубот ќе наполни 25 години од постоењето. Донесените одлуки во однос на условите за настапот во Првата лига се своевидна се фарса и се на штета на оние клубови, во кои се вбројуваме и ние, кои успешно создаваат млади кошаркар(к)и.

Не добивме поддршка од МКФ, иако, исто како и во премиерната машка прволигашка сезона (2014/2015), и во оваа сезона планиравме да играме исклучиво со домашни и тоа млади, кошаркари. А, нели, треба домашните кошаркари да имаат достојна минутажа. МКФ треба да постои поради клубовите, а не да биде обратно. МКФ треба да помага на клубовите, а не да ги дезинформира.

Од спортскиот директор Владимир Темелковски бевме информирани дека во Првата лига ќе играат само оние екипи кои можат да бидат домаќини во сали кои се според строгите прописи на ФИБА, дури и по цена да првата Лига брои само 6 екипи. Тоа значеше дека не ќе можеме да играме во елитата како порано, во салата во 'Градскиот парк' и дека, со оглед што во сезонава ќе требаше да бидеме домаќини на најмалку 18 натпревари, ќе требаше да потрошиме минимум околу 12.000 евра. А, сведоци сме на најновата одлука на УО на МКФ, кој во текот на оваа недела овозможи во регуларниов дел од сезоната да може да се игра и во други сали, што ако го знаевме сигурно ќе ја почневме сезоната. Сега, не играме, поради наш револт од односот на луѓето кои ја предводат МКФ, ниту во Втората лига.

Иако претходно беше објавено дека котизацијата ќе може да се плати на две рати, МКФ подоцна побара истата да биде платена одеднаш, и тоа најдоцна до еден месец пред стартот на елитата!? Не можевме навремено да ја уплатиме котизацијата од 10.000 евра бидејќи проценивме дека парите за котизација може да отидат во неповрат, со оглед на тоа што ќе немавме сала во која ќе игравме како домаќини. Укажуваме дека доволни се најмногу по околу 3.000 евра од клуб за котизација. Но, МКФ побара 10.000 евра! На што се трошат сите пари од котизацијата? Во МКФ има луѓе кои се скапо платени професионалци (со плати во илјадници евра), а аматерски ја водат Федерацијата*.

На крај сакаме гласно да резимираме: од ова раководство на МКФ, во последниве повеќе од три години се изнаслушавме за казни, суспензии, котизации, одземање на пасоши... Она што не успеавме да го слушнеме е што тие направија позитивно за клубовите и за кошарката во целост? Овие одговори ги должат на сите нас кои што сме ја создавале и ја создаваме кошарката, и секако на, спортската, а пред се, на кошаркарската јавност“, се вели меѓу другото во соопштението на Водњански лисици.

Првата лига почна викендов со 11 екипи, а во стартното коло Работнички го совлада АВ Охрид, Фени индустри беше подобар од Пелистер, Куманово го победи Вардар, Гостивар дојде до минимален триумф над Кожув, а во дербито Блокотехна излезе подобра во пресметката со МЗТ Скопје.