Непоразениот „со петлите“ на мегдан кај Феникс, кошаркарите од кревет директно на – паркет!

Кошаркарите на Феникс и на Пелистер во ептен невообичаен термин за прволигашки пресметки ќе го затворат 14. коло од Првата лига, откако дебитантот во елитата средбата ја закажа во термин кој во некои минати времиња беше познат како – кино утро.

Причина за ваквата констатација е фактот што натпреварот е закажан за в недела (30 јануари) со почеток од 11.30 часот, нешто што можеби во некои европски првенства не е изненадувачки, но е можеби натпревар кој почнал најрано во најсилниот ранг на натпреварување во макбаскетот во последните години. Ова и не би било толку за потенцирање, ако не се знае дека гостинската екипа треба на мечот да допатува од Битола, што значи дека ја автобуска одисеја од скорот три часа. Згора на тоа, секоја екипа сака да биде во салата најмалку два часа пред почетокот, што значи дека лидерот на табелата ќе мора „со петлите“ да тргне на овој дуел, а кошаркарите речиси буквално од кревет да истрчаат на паркет.

Но, мора да се нагласи дека сето ова е во склоп на актите на КФМ, кои предвидуваат за време на викенд натпреварите да се играат во термини помеѓу 11 и 20.30 часот. Тоа значи дека колку и да е ваквиот утрински термин проблематичен за тимовите кои мора да патуваат повеќе часа за да стигнат до местото, сето тоа е прифатливо според „законите“ кои во моментов владеат во македонската кошарка. Згора на тоа и првиот меч помеѓу овие два ривали во Битола, одигран лани во октомври, беше закажан во истиот термин, поради што ваквото закажаување може да се оцени и како своевиден реванш.

Сите останати дуели се играат ден претходно, а дополнителен раритет е што пет од вкупно шесте мечево од оваа рунда ќе се одиграат во Скопје. Двојна програма има во салата „Независна Македонија“ во населбата Кисела Вода, каде што прво Ангели ќе го пречекаат Работнички (15 часот), за потоа Академија ФМП да му биде домаќин на Кожув (18 часот). ТФТ ќе ги одмери силите со Куманово (18 часот), додека МЗТ Скопје ќе го пречека составот на Еуро Никел (19.30 часот). Единствената средба надвор од престолнината е пресметката помеѓу Гостивар и МЗТ Скопје Уни Банка (18 часот).

ТАБЕЛА: Пелистер 13-0, МЗТ Скопје 10-3, Гостивар 8-5, Академија ФМП 8-5, Феникс 7-6, Работнички 7-6, Еуро Никел 6-6, ТФТ 6-6, Кожув 5-8, Куманово 4-9, МЗТ УБ 2-11, Ангели 1-12.