Нема заинтересирани за Купот, КФМ сама ќе си го организира во – Скопје!

По пауза од една година поради пандемијата со коронавирусот, завршниот турнир од Купот на Македонија ќе се одигра во периодот од 14 до 16 мај во салата СРЦ „Кале“ и тоа во организација на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), откако ниту еден клуб или друго субјект не изрази подготвеност да плати најмалку 500.000 денари за да ја има улогата на домаќин.

Ова е ќе биде прво издание на некогаш најмасовното натпреварување што ќе го носи името на трагично загинатата легенда на макбаскетот, Благоја Георгиевски-Буштур, а на кое ќе настапат осумте најдобри екипи по крајот на првиот дел од сезоната.

„По пауза од шест години, завршницата од Купот се враќа во Скопје, каде што последен пат беше организирана во 2015 година. Оттогаш, завршните турнири се одиграа во Гевгелија (2016 и 2019 година) и во Кавадарци (2017 и 2018 година), додека ланското издание на беше одложено поради пандемијата со Ковид-19. Сите натпревари и во машка и во женска конкуренции, ќе се играат во салата на СРЦ 'Кале' во Скопје“, се вели во соопштението од Куќата на кошарката.

Улогата на бранител на трофејот ја има Работнички, кој победи на последното издание од ова натпреварување пред две години во Гевгелија, кога во финалето беше подобар од Блокотехна.