Нема шега со гевгеличани: Блокотехна го растури Пелистер за три од три во новата сезона!

Екипата на Блокотехна останува со максимален учинок во новата сезона во Првата лига, откако вечерва, без никакви проблеми, дојде до третиот триумф во низа, овој пат во пресметката со Пелистер (97-69).

Разликата во класи се виде уште во првото полувреме, кое гевгеличани го добија со 53-31, позитива која беше доволна за давање поголем одмор на носителите на играта и поголема минутажа за помладите од клупата. Избраниците на тренерот Марјан Илиевски имаа и свој шутерски ден, па со дури 16 тројки со 55-отстотна прецизност го изрешетаа противникот.

Литванецот Повилас Гаидус средбата ја заврши како најефикасен со 17 поени, Марјан Младеновиќ реализира 15 поени со 5/6 за тројка, додека Андреј Цветковски додаде 14 поени со шут 4/6 за три поени.Американецот Габриел Билер со 21 поен беше најпрецизен кај битолчани.

Претходно денеска, МЗТ Скопје лесно го среди Вардар, Работнички немаше мака со Кожув, а мечот Шкупи и Фени индустри беше одложен. Третата прволигашка рунда ќе се заокружи утре со дуелот помеѓу АВ Охрид и Куманово.