Нема повеќе зезање: КФМ воведе жестоки казни за екипите што ќе се - откажат!

Со жестоки казни во износ од 100.000 до 300.000 денари се соочуваат екипите во младинска конкуренција ако предвреме го откажат настапот во соодветната лига во организација на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), пишува во денеска објавениот билтен на Регистрациската комисија.

Најмалата санкција е наменета за тимовите кои ќе се пријават во одреден степен на натпреварување, а по одредувањето на групите ќе се повлечат без оправдана причина. Екипите, пак, што ќе одиграат најмалку еден натпревар па потоа ќе се откажат без валидна причина ќе мора да платат казна од 200.000 денари. Најжесток удар по касата ќе има за клубовите кои самоволно нема да настапат на разигрувањето и на финален турнир за државен првак и тоа во износ од 300.000 денари. Сите прекршители на овие правила покрај паричната казна ќе се соочат и со двегодишна забрана за пријавување во проблематичната генерација.

Истовремено, од Куќата на кошарката ги објавија имињата на клубовите кои се пријавија за настап следната сезона. Покрај 12-те прволигаши, дури 19 клубови изразија желба да играат во Втората лига, за која се говори дека сезонава повторно ќе биде „обединета“, со тоа што вишокот тимови ќе бидат префрлени во Трета лига. Во единственото женско натпреварување ќе има 13 состави, а во младинска конкуренција најмногу пријавени има во машката јуниорска лига, каде што ќе учествуваат дури 29 екипи.