Кошаркарската елита може да спадне на – ЕДНА екипа?!

Неплатените рати од котизацијата за натпреварувањето во Првата лига и првенствено долгот за лиценци за странски играчи се причините поради кои комесарот за натпреварување, Владо Цветковски, синоќа изрече суспензија на речиси цела кошаркарска елита.

Прволигашите немаат право на настап додека не ги платат долговите кон канцеларијата на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), а сѐ додека не го сторат тоа натпреварите ќе ги губат со службен резултат. Сериозноста е во тоа што вториот пораз на „зелена маса“ автоматски ќе значи и преселба во понизок ранг. Единствена која досега ги платила сите свои долгови е екипата на Блокотехна, која е дебитант во Првата лига.

Доброто во целата ситуација е што следните натпревари се играат дури за десетина дена поради репрезентативната пауза и средбата на Македонија против Словачка в недела во склоп на претквалификациите за ЕП 2021. Период кој клубовите треба максимално да го искористат да најдат пари и да ги платат долговите во МКФ. Во спротивно ќе се соочиме со нов циркуз во кошарката, нешто што апсолутно никој не го посакува.