Само полесен тренинг имаа кошаркарите на МЗТ Скопје во вечерашниот дуел против Шкупи (97-71), последен од 2. коло од Првата лига, во кој дојдоа до воведната победа во новата сезона на домашна сцена, откако на стартот загубија на домашен терен од Карпош Соколи.

Разликата во класа беше очигледна, што му овозможи на тренерот Александар Тодоров целосно да го одмори капитенот Дамјан Стојановски и да им даде поголема минутажа на помладите во тимот. Андреј Маслинко, кој како да беше повеќе во воздух отколку на паркет, најдобро ја искористи укажаната шанса со дабл-дабл учинок со 16 поени и 12 скока, а повеќе од солиден беше и 19-годишен бугарски интернационалец Јордан Минчев, кој средбата ја заврши со 13 поени и шест скока. Даниел Џенсен беше најпрецизен кај аеродромци со 21 поен, додека Бојан Трајковски постигна 14. Кај Шкупи убедливо најдобри беа Американците Херис и Тејлор, кои постигнаа 28 односно 15 поени.

Претходно, Работнички беше подобар од Фени индустри, Куманово како гостин го совлада АВ Охрид, Гостивар и Блокотехна немаа проблеми во пресметките со Кожув односно Пелистер, а Карпош Соколи ја преслуша Струмица.