НБА-шоу во Белград: Партизан ја среди Будуќност и урна 10 години стар рекорд во АБА (ВИДЕО)

Кошаркарите на Партизан немилосрдно грабат кон првата стартна позиција пред плејофот во АБА-лигата, откако вечерва, пред преполната „Штарк Арената“ во Белград, го совладаа директниот конкурент за првото место, подгоричка Будуќност (87-82), во меч во кој беше урнат 10 години стар рекорд во регионалното натпреварување.

Средбата во српската престолнина официјално ја следеле 16.531 гледач, што е нешто повеќе од досегашниот најпосетен меч помеѓу Цибона и Партизан во финалето од ова натпреварување во Загреб во 2010 година, кога на трибините се нашле 16.200 навивачи. Маркус Пејџ со 20 и Огњен Јарамаз со 19 поени беа најпрецизни кај црно-белите, додека Суад Шеховиќ со 21 поен беше најефикасен кај гостите.

Партизан сега е осамен на врвот од табелата со скор 15-4, односно со една победа повеќе во однос на Будуќност. Следуваат Црвена звезда со 12-6 и натпревар помалку, утрешниот на гости кај Морнар, кој има учинок 11-7, како и Цедевита со 12-7.