Нашиот најперспективен кошаркар доби дозвола да „побегне“ од Италија, ама – нема како!

Зад сигурно најперспективниот македонски кошаркар во моментов, 19-годишниот Андреј Јакимовски, се пеколни неколку месеци минати во Италија, европскиот центар на пандемијата, затворен во карантин и без можност за тренинг, настапи, но и без дозвола од клубот за враќање во Македонија.

Репрезентативецот на Македонија, конечно, ја доби дозволата од второлигашот Баскет Торино за кој настапува за да си дојде дома, откако првенствата во сите рангови на натпреварување се дефинитивни прекинати. За жал, Јакимовски останува „заробен“ и што е уште полошо, не знае, кога и како би си заминал од градот во областа Пиемонт, една од најзагрозените со најголем број заболени од Ковид-19 во Италија.

„Веројатно така ни е судено, да чекаме. Нема што друго да правиме“, вели разочарано Јакимовски.

Младиот кошаркар останува во изолација, чекајќи начин како да се врати дома.

„Максимално ги почитуваме забраните што сè уште се на сила и кои ќе потраат уште најмалку еден месец. Нема што друго да правиме. Се пријавив за хуманитарен лет кон Македонија и тоа уште пред три недели. Но, до овој момент немаме никаква информација дали е изводливо тоа да се направи од Италија, Нема друго, мора да бидеме мирни и да бидеме трпеливи. Ќе помине и ова. Ми недостасува кошарката, но во овој момент најважно е здравјето“, дополнува Јакимовски од Торино.

Талентираниот кошаркар во февруари првпат го облече дресот на сениорската репрезентација и тоа во квалификацискиот дуел за пласман на ЕП 2021 против Русија во Перм.