На враќање од мечот со Работнички: Каменуван автобусот на МЗТ Скопје!

На непријатни сцени биле изложени кошаркарите на МЗТ Скопје по синоќешното враќање од Гостивар каде што го играа вечното дерби со Работнички, откако нивниот автобус бил каменуван од непознати лица.

Според извештајот на Министерството за внатрешни работи (МВР), повредени лица немало, а било скршено стакло на превозното средство во кое се наоѓале сино-белите.

„На 16.04.2018 година во 22:50 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје било пријавено дека на улицата 'Васко Карангелевски' од страна на непознати лица било скршено едно стакло од автобус 'Неоплан' со скопски регистерски таблици, во кој се превезувале кошаркари на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје, а се враќале од натпревар од Гостивар. Нема повредени лица, а причинета е само материјална штета. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, се вели во полицискиот билтен.

Средбата помеѓу двата најголеми кошаркарски колективи кај нас заврши со триумф на Работнички (92-74).