МЗТ со „стотка“ ја прегази Струмица за четири од пет во Првата лига!

Кошаркарите на МЗТ Скопје немаа никакви проблеми во последниот меч од 5. коло од Првата лига, откако лесно и убедливо ја преслушаа екипата на Струмица (102-66).

Ова беше четврта победа во петтиот прволигашки натпревар за актуелниот првак сезонава, која доаѓа како своевидно загревање за петочното гостување од АБА-лигата. Разликата во квалитет помеѓу двата тима беше огромна, па единствена енигма беше конечната разлика.

Адем Мекиќ со 16 поени, четири скока и пет асистенции и Димитар Пандев со 15 поени и 11 скока беа најпрецизни кај аеродромци, додека зад нив беа Страхиња Миќовиќ и Дамјан Робев со по 12 поени и Дамјан Стојановски со 11 поени. Стефан Крстајиќ со 20 поени беше најефикасен кај гостите.

МЗТ Скопје в петок ќе му гостуваат на белградски ФМП, додека обврската од шестото прволигашко коло ќе ја одработи следниот вторник, на домашен терен против Куманово.