МЗТ со нов тренер и со шест играчи на терен во „да се биде или не“ битка против Морнар!

Фразите „дуел на живот или смрт“ односно „натпревар да се биде или не“ никогаш досега толку прецизно и детално не ја опишувале ситуацијата во таборот на МЗТ Скопје како пред денешната пресметка на домашен терен против Морнар (17 часот) во склоп на 11. коло од АБА-лигата.

Само со победа ќе бидат продолжени шансите на аеродромци за опстанок во регионалното натпреварување, додека евентуален неуспех би значело и целосно заковување на дното од табелата и сведување на можноста и следната сезона да се биде дел од истата конкуренција само на сферата на теоријата. Сино-белите имаат скор 2-8 односно две победи помалку во однос на директните конкуренти, што значи дека денешен кикс во „Јане Сандански“ би бил еднаков на катастрофа, уште повеќе поради лошиот меѓусебен скор со екипите со кои до крај би се водела битката за избегнување на последното место.

Управата на клубот со доведување нов тренер, Жељко Лукајиќ, направи своевидна шок-терапија, а истовремено го врати и шестиот играч, навивачката група „Фемили“. Сега на потег се кошаркарите да одговорат позитивно на новитетите и да покажат дека имаат квалитет и сили за излез од кризата и против Морнар да стават крај на низата од шест порази во АБА и да најават подобри времиња за МЗТ Скопје.

„Ова е меч кој мора да го добиеме бидејќи во спротивно би се нашле во исклучително тешка ситуација во АБА-лигата. Немаме многу време за запознавање со новиот тренер, но тоа не смее да биде пречка за да одиграме најдобро што можеме. Против себе имаме квалитетен тим со одлични поединци, на кој не смее да му дозволиме да го наметне својот ритам. Враќањето на нашите најверни навивачи и нивната поддршка и тоа како добро ќе ни дојде I сигурен сум дека со нивна помош ќе почнеме да се враќаме на победничките патеки“ – вели капитенот на „металците“, Дамјан Стојановски.

Евцентуален триумф на денешниот меч воедно би бил и најдобар подарок за Стојановски, кој вчера го прослави 30. роденден. Тоа воедно би бил и прв успех на македонскиот шампион против противникот од Црна Гора, кој ги доби двата меѓусебни дуели во текот на минатата сезона, негова прва во регионалното натпреварување.