МЗТ Скопје се подзасили со уште еден репрезентативец и тоа – повратник!

Актуелниот македонски шампион МЗТ Скопје ангажира уште едно квалитетно домашно засилување и тоа повремениот репрезентативец Адем Мекиќ (24, 197), кој денеска потпиша едногодишен договор со клубот од Аеродром.

За бекот-шутер ова всушност е враќање во добро позната средина, односно во тимот за кој настапуваше во периодот од 2014 до 2017 година и тоа во натпреварувања како елитната АБА-лигата и Еврокупот во два наврати. По заминувањето од „Јане Сандански“ две сезони мина во Куманово, а минатиот шампионат го одигра во дресот на Пелистер. Мекиќ како играч на МЗТ Скопје се закити со три шампионски трофеи и два пехари во Купот на Македонија.

Ова е второ засилување „металците“ летово, по ангажманот на Филип Бакоч, а од минатата сезона ќе продолжат Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко и Бојан Крстевски, заедно со тренерот Ѓорѓи Кочов, кој исто така го обнови договорот.