Кошаркарите на МЗТ Скопје очекувано дојдоа до победа во вечерашното гостување кај дебитантот во елитата Академија ФМП (71-66), но на далеку потежок начин од очекувањата.

Екипата од Кисела Вода прижи силен отпор, особено во првото полувреме, кое заврши само со минимална предност на актуелниот шампион (34-33). Поголемото искуство и секако далеку поголемиот квалитет на гостите дојде до израз во третата четвртина, во која ја направија клучната предност (24-15) која потоа умешно ја задржаа до самиот крај.

„Академците“, на чија клупа денеска дебитираше новиот тренер Владимир Мирковски, дадоа сѐ од себе во последниот период за евентуално да дојдат до нова сензација, по тоа од пред извесно време кога го совладаа Работнички, но единствено што успеаја да загубат со чесна негатива.

Дамјан Стојановски со 19 поени и седум скока и Андреј Маслинко со 18 поени и осум скока беа најдобрите во составот од „Јане Сандански“, додека Ноа Блантон со 16 и Даниел Нацевски со 15 поени беа најефикасни кај Академија ФМП.

Ова беше претпоследен меч од 15. коло од Првата лига, последно пред тринеделната пауза поради настапот на репрезентацијата на Македонија во квалификациите за ЕП 2021. Подоцна вечерва играат Работнички и Еуро Никел, додека вчера Куманово го совлада Кожув, а Пелистер беше подобар од Вардар. Завчера, пак, Гостивар рутински го совлада МЗТ Скопје УНИ банка.