Кошаркарите на МЗТ Скопје без поголем напор, лесно и убедливо, го совладаа најдобриот бугарски тим во моментов, екипата на Левски Лукоил (94-74), во првиот од двата контролни меча кои (ќе) се играат во салата „Јане Сандански“.

Аеродромци почнаа силно и по стартните 5-2 на противникот, направија серија 17-3 со која дојдоа до убедливи 19-8 уште во првата четвртина. Во вториот период, избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов дојдоа и до највисоки плус 21 (36-15) по што следуваа поголеми ротации со помладите од клупата, што противникот го искористи и спушти дури и на едноцифрена негатива. Но, во продолжението домашниот тим повторно уфрли во четврта брзина, па на крајот дојде и до скоро максималната позитива.

Андреј Магдевски и Дамјан Стојановски со по 17 поени беа најпрецизни кај МЗТ, додека Феми Олуџоби постигна 15 поени, а Хасани Гравет 10 поени со 10 асистенции. Кај гостите од Софија најдобар беше поранешниот „металец“, Јордан Минчев со 24 поени.

Двете екипи ќе одиграат уште еден пријателски натпревар и тоа утре со почеток во 14 часот.