МЗТ Скопје го реши тренерското прашање за следната сезона

Предводниците на актуелниот македонски кошаркарски шампион МЗТ Скопје денеска го потврдија останувањето на Ѓорѓи Кочов (34 години) на клупата на овој тим и за следната сезона, потенцирајќи дека тоа е дополнителна потврда на нивните заложби за „давање шанса на младите домашни тренери, кои, пак, во иднина би биле столб и на македонската кошарка во целост“.

Станува збор за шестиот стратег кој успеал да го донесе шампионскиот пехар во „Јане Сандански“ (по Тодоров, Пипан, Мартич, Јончевски и Назор) и само четвртиот тренер во Македонија (по Давитков, Рајковиќ и Јончевски) кој може да се пофали со триумф во домашното првенство и како играч и како предводник од клупата. Тој во „сино-белиот“ табор дојде во текот на предминатиот шампионат, а за него ова ќе биде втора сезона која ја почнува како предводник на МЗТ Скопје.

„Останување на Кочов воедно е и потврда на заложбата на нашиот клуб за продолжување на стратегијата за форсирање на млади македонски кошаркари, кои и во следниот период ќе добијат шанса за промоција и за напредување“, се вели во соопштението од таборот на аеродромци.

Предводникот на „металците“ веќе работи на формирање на тимот за следната сезона, во која тимот од Аеродром повторно ќе биде дел и од АБА2-лигата.