Со шестмина репрезентативци на Македонија, четворица искусни интернационалци и со плејада таленти, екипата на МЗТ Скопје вечерва го одработе првиот официјален тренинг во полн состав во пресрет на новата сезона.

Кошаркарите и стручниот штаб на „металците“ најавија пеколен подготвителен период, во кој се предвидени базични подготовки во Маврово и најмалку шест контролни средби. Веќе е договорено во Скопје да гостува бугарскиот шампион Левски Лукоил, а начелно е договорен и двомеч со Гостивар.

„Наша најголема желба е да се врати титулата во Аеродром и да се обезбеди што е можно подобар пласман во АБА2-лигата. За остварување на овие цели подготвени сме да пролееме тони пот во подготвителниот период за што подобро да ја дочекаме новата сезона“, беше заедничкиот став на сите во таборот на „металците“.

Тренерот Ѓорѓи Кочов на првиот тренинг на располагање ги имаше Дамјан Стојановски, Дарко Соколов, Марко Симоновски, Љубомир Младеновски, Андреј Магдевски и Андреј Маслинко, интернационалците Лестер Медфорд, Џејмс Вудард, Иве Иванов и Андрија Бојиќ како и перспективните Михајло Митев, Ранко Мамузиќ, Леонид Тодоровски, Лука Стојановски и Андреј Настовски. Последните петмина во следниот период рамноправно ќе се борат за преостанатите две места во ростерот на средбите во регионалната лига како и во двете домашни натпреварувања.

МЗТ Скопје првиот официјален меч ќе го одигра на 27 септември во „Јане Сандански“ против словенечки Хелиос.