МЗТ Скопје договори две силни контроли со шампион од соседството!

Македонскиот кошаркарски вицешампион, екипата на МЗТ Скопје, денеска и официјално ги почна подготовките за новата сезона, откако екипата беше комплетирана со четирите странски засилувања, со најава за базични тренинзи во Маврово и најмалку шест контролни средби, меѓу кои сигурно ќе бидат две со бугарскиот шампион Левски Лукоил.

Американците Лестер Медфорд и Џејмс Вудард пристигнале доцна синоќа, а нешто претходно во Скопје се појавиле и Хрватот Иве Иванов и Србинот Андрија Бојиќ, кој и лани беше дел од нашиот тим. Четворицата вечерва ќе му се стават на располагање на тренерот Ѓорѓи Кочов, кој изминативе десет дена неформално работеше со домашните кошаркари кои се под договор со „металците“.

Според планот на стручниот штаб, сино-белите до недела ќе тренираат во салата „Јане Сандански“, а в понеделник ќе се преселат во Маврово, каде што ќе ги одработи базичните подготовки. Покрај двомечот со составот од Софија, тренерот Кочов засега начелно има договорено и две средби со екипата на Гостивар.

МЗТ Скопје Аеродром првиот официјален натпревар од новата сезона ќе го одигра на 27 септември на домашен терен против словенечкиот претставник во регионалното натпреварување, Хелиос.