МЗТ доби само една четвртина и пак лесно го преслуша Куманово

Кошаркарите на МЗТ Скопје брзо се опоравија од завчерашниот неочекуван пораз од Гостивар, откако попладнево, без поголеми проблеми, го совладаа секогаш незгодниот тим на Куманово со 93-87 (34-21, 21-22, 18-23, 20-21).

Аеродромци одиграа пеколно во првата четвртина, која, интересно, е единствената што ја добија на овој натпревар, но во која обезбедија доволна позитива за да се радуваат на крајот. Предводени од фантастичниот Адем Мекиќ, кој постигна шест тројки во воведниот период, од кои првите пет без промашување, „металците“ дојдоа до плус 13 по првите десет минути (34-21), што на крајот се покажа како доволно за два бода.

Домашните даваа сѐ да се вратат во игра по највисокото водство на противникот со 14 поени разлика (66-52), но најмногу што направија е во неколку наврати да спуштат до минус шест, што се покажа како магична граница за нив.

Мекиќ со 24 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, Френк Тарнер дополни со 17 поени и шест асистенции, додека Феми Олуџоби и Бојан Крстевски реализираа по 16 поени. Кај Куманово, најефикасен беше Дамјан Робев со 20 поени.

Составот од Аеродром сега има учинок 9-5, додека кумановци останаа на десет победи и сега се со седум порази.