Кошаркарите на МЗТ Скопје нешто потешко од очекувањата, на домашен терен, го совладаа тимот на Фени индустри (82-75), во вечерашниот заостанат меч од 18. коло од Првата лига и се вратија на третата позиција на табелата.

Кавадарчани одиграа одлично во пресметката со актуелниот шампион, кој дури во последната четвртина го скрши нивниот силен отпор. Серијата 13-2 во втората половина од четвртиот период за 79-66 се покажа како клучна за триумфот на четата предводена од тренерот Жељко Лукајиќ. „Металците“ имаа двоцифрена предност по само пет минути игра (16-6), но гостите потоа ја вратија изедначеноста која траеше во следните триесетина минути.

Дамјан Стојановски со 18 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, Јуре Лалиќ имаше дабл-дабл ефект со 17 поени и 10 скока, Радосав Спасојевиќ реализира 14, а Џордон Крафорд 13 поени. Кај Фени И. најдобри беа Девон Вокер со 21, Предраг Пајиќ со 18 и Јане Петровски со 17 поени.

Ова воедно беше и генерална проба за сино-белите од Аеродром за вечното дерби против Работнички, закажано за в сабота во „Градски парк“. За кавадарчани, пак, ова беше пораз со кој се оддалечија од шестото место на табелата, а со тоа и од пласман во Суперлигата.

ТАБЕЛА: Работнички 18-0, Блокотехна 15-3, МЗТ Скопје 13-5, Куманово 12-6, Гостивар 11-7, АВ Охрид 9-9, Фени И. 8-10, Кожув 7-11, Карпош Соколи 5-13, Пелистер 5-13, Шкупи 3-15, Струмица 2-16.