МЗТ се збогува со Николов и веднаш најде нов плејмејкер – од САД!

Екипата на МЗТ Скопје ќе има нов плејмејкер во следната сезона, откако денеска прво беше официјализирано заминувањето на Кристијан Николов во турски Коњаспор, а веднаш потоа и ангажирањето на Американецот Мајк Кафи (29 год, 183 см).

Македонскиот репрезентативец по три години се враќа во Турција, каде што прво настапуваше за Галатасарај, за кого дебитира и во Евролигата додека потоа играше за екипи како Јешилгиресун, Трабзонспор, Истанбул ББ и Сокар спор. Неговиот наследник, пак, е искусен организатор на играта, кој веќе седум години настапува низ Европа.

Кафи во сезоната 2020/21 беше МВП на првенството на Украина, каде што во дресот на Запорожја просечно реализираше 16,9 поени и 7,7 асистенции. Речиси во сите европски сезони има двоцифрен поентерски просек и забележителен број асистенции, а убедливо најефикасен беше во унгарски Јашберени, кога на секој меч од лигата за опстанок постигнуваше по 20,8 поени и тоа со 50-отстотен шут за тројка. Американецот има играно уште за грчка Трикала, фински Хелсинки, словачки Лученец и за Киев Баскет, додека минатата сезона беше дел од германскиот прволигаш Крејлсхем.

Кафи е првото летно странско засилување за МЗТ, каде што ќе игра заедно со сонародникот Бре Ајви, кој има опција во договорот од минатата сезона за останување во „Јане Сандански“. Вчера потпис на новата соработка со актуелниот шампион стави капитенот Дамјан Стојановски, а договори за следната сезона имаат и Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев како и тројцата младинци, Димитар Иванов, Бојан Величковски и Марко Спасовски.