МЗТ сака прв да го реши првакот: Аеродром на нозе, доаѓа Работнички со Сити Парк Бојс!

Емоции, тензии, атракции, надмудрувања на паркетот, надвикувања на трибините – работи кои редовно се поврзуваат со големото кошаркарско дерби помеѓу МЗТ Скопје и Работнички, кое вечерва во „Јане Сандански“ (20.15 часот) ќе го има првото издание во новата сезона.

Аеродромци посакуваат барем делумна одмазда за поразот во плејоф-финалето во минатото првенство и тоа со успешен старт во меѓусебните пресметки со најголемиот ривал за шампионската титула. Без разлика што е почеток на сезоната, секој триумф во вечното дерби носи бустирање на самодовербата што и тоа како е значајно за екипи чија цел е борба за највисок пласман.

„Ова се натпревари во кои решава моменталната инспирација. Без разлика што сезоната допрво почнува, решени сме да сториме сѐ за да дојдеме до триумф во првата пресметка со Работнички, која ќе ја одиграме пред нашите навивачи. Наша примарна цел е да го наметнеме сопствениот ритам, односно да не му дозволиме на противникот да игра онака како што е навикнат“, вели тренерот на „металците“, Ѓорѓи Кочов.

МЗТ Скопје во моментов има скор 4-1 додека Работнички сѐ уште нема пораз со оглед што победи во првите четири средби во новата сезона (минатото коло беше слободен). Тоа можеби го прави шампионот благ фаворит, но од друга страна аеродромци имаа далеку поголем број квалитетни средби во нозете со оглед што успешно настапуваат и во АБА2-лигата. За тоа е свесен и тренерот на центарци, Марин Докузовски.

„МЗТ Скопје дефинитивно е во подобар натпреварувачки ритам додека ние подолг период сме без натпревар со оглед што бевме слободни во минатата рунда. Ова, заедно со отсуството на повредениот Ѓорѓи Чековски на противникот му го носи епитетот фаворит, но тоа не значи дека однапред ќе се предадеме. Дербито секогаш го решава мотивацијата, која сигурно нема да изостане кај моите кошаркари. Ќе одиграме најдобро што знаеме па ќе видиме што ќе се случи“, објаснува стратегот на Работнички.

Аеродромци се очекува да настапат комплетни, со Хрватот Иве Иванов во тимот, со оглед што се чувствува многу подобра по повредата на скочниот зглоб. Црвено-белите, пак, поради идентичен проблем ќе го немаат Чековски во своите редови.

Покрај битката на теренот, се очекува жестока пресметка и на трибините со оглед што управата на МЗТ Скопје вчера јавно ги повика навивачите на противникот, меѓу кои и членовите на групата Сити Парк Бојс, во што поголем број да дојдат во „Јане Сандански“ бидејќи, како што велат тие, дерби без набој и тензии едноста не е дерби.