Кошаркарите на МЗТ Скопје без поголеми проблеми дојдоа до бодовите во пресметката на домашен терен со Куманово (86-71), што за аеродромци беше трет триумф во низа по стартниот пораз од Пелистер.

Отпорот на гостите траеше само во првите десет минути, по што сино-белите уфрлија во трета, па во четврта брзина и брзо дојдоа до двоцифрена предност, која потоа само умешно ја одржуваа.

Дамјан Стојановски со 25 поени (5/7 за тројка) беше најпрецизен кај „металците“, додека зад него по учинокот беа Хуан Дејвис со 16 и Немања Милошевиќ со 13 поени. Ѓорѓе Каплановиќ со 17 поени беше најефикасен кај кумановци.

Претходно денеска, голема драма беше видена во борбата на дебитантите во Првата лига, по која поуспешен излезе домашниот тим на Феникс, кој по едно продолжение ги совлада Ангели (83-80).

Вечерва играат уште Гостивар и Работнички односно ТФТ и МЗТ Скопје УНИ Банка, утре ќе се сретнат Академија ФМП и Еуро Никел, додека задутре Пелистер ќе го пречека Кожув.