МЗТ одново покажа зошто е шампион – лесно ја доби репризата на финалето (ФОТО)

Екипата на ТФТ го доживеа првиот пораз во првенството откако во дербито на седмото коло, без поголеми проблеми го победи ТФТ со 80-67.

Со тоа, повеќе нема екипи со максимален ефект во првенството иако МЗТ Скопје единствениот пораз не го доживеа на терен, туку поради административна грешка. Вечерва беше подобар тим во поголемиот дел од мечот и заслужено стигна до нова победа.

Израмнето беше само во првите три минути, по 6-6, МЗТ направи серија од 15-5 за прво двоцифрено водство на натпреварот (21-11). Тоа му овозможи на шампионот да го контролира резултатот иако ТФТ во неколку наврати во втората четвртина се доближи на три поени негатива. Се чинеше дека ќе има драма кога третиот период гостите го почнаа со 11-2 и дојдоа на 44-46, но МЗТ го одби тој притисок и на помалку од две минути пред крајот на таа четвртина повторно имаше двоцифрена предност (61-51). Тоа целосно го скрши ТФТ, па домашниот тим во последните десет минути ја достигна и највисоката предност на мечот (73-56) со што официјално стави точка на мечот.

Илајџа Мекејден со 20 поени беше најдобар стрелец во победничкиот тим, Магдевски постигна 17, а Смит 13. Говенс го предводеше ТФТ со 23 поени, но помош доби само од Дејвис кој реализира 19.