Кошаркарите на Работнички по голема борба и многу пресврти дојдоа до триумф во првиот финален меч со МЗТ Скопје (86-77) и поведоа со 1-0 во серијата што се игра до три победи.

Центарци ги одиграа фантастични последните пет-шест минути од мечот иако беа без повредениот Димитар Мираковски уште од финишот на втората четвртина. Со серија 18-7 дојдоа до огромни плус осум (85-77) на 40-тина секунди до крајот со кои си ја обезбедија толку посакуваната победа, 19-та по ред сезонава во домашното првенство.

Тоа беше фантастично изедначен и драматичен меч, достоен за пресметка која треба да го носителите на титулата. Гостите од Аеродром во дуелот влегоа максимално мотивирани и со агресивна одбрана во најголем дел од мечот успеваа да излезат на крајот со најопасните кошаркарит на домаќинот. Ваквиот начин на игра им донесе високи плус седум (21-14) само по седум минути игра.

Но, првите замени во екипите како да го сменија ритамот на играта, па центарци со седум поени во низа на крајот од првиот и на почетокот од вториот период направија резултатски пресврт (28-26), преземајќи ја иницијативата. Ваквиот изедначен однос продолжи до крајот на првото полувреме, со неколку промени на водството и изедначени 42-42 по последниот звук на сирената пред одморот.

Третата четвртина мина во знакот на одличниот шут од далечина на „металците“, кои со неколку тројки повторно се одлепија на највисоките плус седум од првото полувреме (60-53). Вака беше до крајот на кварталот, а кошаркарите на Работнички со почетокот на четвртиот дел со низа поени пак го изедначи резултатот (65-65) и најави ултра неизвесен финиш.

Следуваа минути во кои се играше кош за кош, со предност на „сервис“ на центарци, кои со тројката на Чавдар Костов, а потоа и забивањето на Шон Еванс дојдоа до највисоки дотогаш 81-74 за ерупција од одушевување во „Градски парк“, кој не беше исполнет до последното место поради безбедносните регулативи на МКФ.

Костов со 21 поен и пет скока беше најдобар кај Работнички, Расел Робинсон постигна 18, а Еванс 16 поени. Јуре Лалиќ и Дамјан Стојановски со по 18 поени беа најпрецизни кај МЗТ Скопје.

Следниот меч од финалето се игра в среда во „Јане Сандански“.