Кошаркарите на МЗТ Скопје му се реваншираа на Пелистер за поразот во првиот дел од сезоната во Битола, откако во меч со релативно драматична завршница победија со 84-81.

Аеродромци сосема заслужено дојдоа до триумфот, со оглед што водеа во најголем дел од средбата и тоа во во еден момент од првото полувреме и со 17 поени разлика (37-20). Битолчани во продолжението заиграа далеку подобро и веќе во третиот период целосно ја намалија негативата на противникот, најавувајќи неизвесен финиш. Зеленот-белите во три наврати и поведоа со по два поени разлика, но тоа беше сѐ што направија на вечерашниот натпревар во „Јане Сандански“.

Неочекуван јунак во таборот на „металците“ беше репрезентативецот Филип Бакоч, кој „принудно“ влезе на една ипол минута до крајот поради петте лични грешки на Бојан Крстевски и на Иван Карачиќ. Во последниот напад на МЗТ, кој можеше да трае до нецели две секунди до крајот при водство 80-79, тој неочекувано шутна на шест секунди до крајот и за среќа на неговиот тим погоди за дефинитвно резултатско одлепување. Следуваше пенал-завршница во која домаќинот умешно ја одржа тешко стекнатата позитива.

Крстевски и Френк Тарнер со по 17 поени беа најпрецизни кај составот од Аеродром, Адем Мекиќ постигна 14 поени додека Феми Олуџоби беше стрелец на 12 поени. Игор Кесар и Никола Малешевиќ со по 23 поени беа најефикасни кај Пелистер. Двата тима настапија ослабени вечерва, МЗТ Скопје без повредениот Андреј Магдевски и болниот Дамјан Стојановски, додека кај Пелистер го немаше Бојан Трајковски, поради повреда, кој и покрај тоа беше исклучен поради приговор од клупата, како и тренерот Марјан Илиевски, поради болест.

Двата тима сега имаат идентичен број порази, по пет, додека битолчани имаат и 15 победи, а МЗТ десет со оглед на помалиот број одиграни средби.