МЗТ минимално поразен од Левски, Работнички убедлив против кумановци!

Кошаркарите на МЗТ Скопје загубија во вториот пријателски меч со Левски Лукоил (88-90) и тоа во тесен и до крај неизвесен натпревар во кој тренерот Ѓорѓи Кочов рамномерни ја распореди минутажата на сите во тимот.

Гостите од Софија подобро го отворија денешниот дуел, за разлика од синоќа кога веќе на стартот од втората четвртина беа во негатива од 21 поен. Овој пат беа во водство во поголемиот дел од натпреварот и заслужено дојдоа до триумфот, иако „металците“ во второто полувреме заиграа подобро и во последните три минути влегоа со предност 79-78: Кристијан Николов на крај имаше и обид за победа, но тоа беше само храбар обид да се ќари нешто во последната секунда.

Андрија Бојиќ со 20 поени и седум скока беше најдобар кај аеродромци, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Тодрик Гочер со 12, Андреј Магдевски, Дамјан Стојановски и Николов со по 11 и Бојан Крстевски со 10 поени. Поранешниот играч на МЗТ, Јордан Минчев, одново беше најдобар кај најдобриот бугарски тим со 24 поени.

Пријателски меч попладнево одигра и Работнички, кој брзо се опорави од шокот по поразот против дебитантот во Првата лига, екипата на ТФТ, па релативно убедливо го совлада Куманово (87-75). Клучен за триумфот на центарци беше третиот период, кој овој тим го доби со 31-20.

Николовски и Ефремоски беа најефикасни во таборот на „центарци“, а кумановци покрај поразот се соочуваат со уште еден проблем, повредата на американскиот плејмејкер Шелби, на две седмици пред почетокот на новата сезона.