МЗТ и официјално доби нов извршен директор - поранешен кошаркар на клубот!

Поранешниот кошаркар на повеќе прволигашки екипи, Филип Ѓоревски (36 години), од денеска е нов извршен генерален директор на МЗТ Скопје, објавија од клубот од „Јане Сандански“.

Станува збор за Филип Ѓоревски (36 години), кој за „металците“ настапуваше пред 15-тина години, односно во најтешкиот период за клубот во пресрет на „Маршот за спас“ во 2009 година, а кој потоа неколку години беше и главен координатор на младинската школа на актуелниот шампион. Во играчката кариера има настапувано уште и за Вардар Осигурување, Карпош Соколи, Фаворити и Тоа сум јас, а изминатиов период, е дел од проектот наречен Академија ФМП, кој од второлигаш дојде до епитетот најпријатно изненадување во актуелнава сезона.

Ѓоревски доаѓа на местото на Тони Грнчаров, кој изминативе четири години беше во улога на предводник на МЗТ Скопје, со кого овој тим дојде до две шампионски титули и два пехари во Купот на Македонија.