МЗТ го задржа крилниот центар кој блескаше пред прекинот поради Ковид-19 (ВИДЕО)

Актуелниот кошаркарски шампион МЗТ Скопје денеска го потврди останувањето на Американецот Феми Олуџоби (24, 206) и за следната сезона со можност договорот да се продолжи за уште една година, што воедно е и прво странство засилување за тимот во пресрет на новото првенство во Првата лига како и во АБА или АБА2 во зависност од одлуката на Копер Приморска дали ќе го откаже настапот во јадранската конкуренција.

Станува збор за крилен центар, кој во Аеродром дојде во февруари годинава и за нецел месец, до прекинот поради пандемијата со коронавирусот, успеа да го освои срцата на сино-белите навивачи. Олуџоби настапи на три средби во АБА2-лигата со просек од 16 поени и осум скока, како и на два меча во Првата лига во кои просечно реализираше 16,5 поени и пет скока. Пред да дојде во „Јане Сандански“, тој неколку месеци одигра во Литванија и тоа за екипата на Лиеткабелис, а претходно, во американската НЦАА-лига, настапуваше за Оукленд колеџот, АиТ универзитетот од Северна Каролина и за универзитетот Депол.

Тој е седми сигурен кошаркар во ростерот на тренерот Ѓорѓи Кочов за новата сезона, откако претходно беа обновени договорите со капитенот Дамјан Стојановски и Андреј Маслинко, беа ангажирани Филип Бакоч и Адем Мекиќ, додека од минатата сезона договорни обврски имаат уште и Андреј Магдевски и Бојан Крстевски.