Со шест македонски репрезентативци и петмина перспективни кошаркари кои се иднина на клубот, стручниот штаб на МЗТ Скопје вечерва го одржа првиот тренинг со што и официјално беше означен стартот на подготовките во пресрет на новата сезона.

На паркетот во салата „Јане Сандански“ се појавија Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Бојан Крстевски, Иван Волкановски, Ранко Мамузиќ како и Леонид Тодоровски, Бојан Стојановски и Љубиша Димитровски од втор состав на аеродромци. Недостасуваше само кениското засилување, Нуни Омот, чие пристигнување во Скопје се очекува на почетокот од следната недела.

„Во следниот период следува докомплетирање на екипата која во новата сезона ќе ја брани титулата односно ќе проба да го донесе осмиот шампионски трофеј во клупските витрини, каде што исто така ќе се обиде да го врати пехарот од Купот на Македонија, но и да се бори за самиот врв во регионалната АБА2-лига“, велат од таборот на МЗТ Скопје.

Според досегашниот план за подготовки на тренерот Ѓорѓи Кочов, актуелниот првак ќе се подготвува во Скопје, за каде што планира одигрување на неколку пријателски средби меѓу кои и тие против романска Крајова, чиј тренер е поранешниот стратег на аеродромци, Александар Тодоров. На почетокот од септември, составот од „Јане Сандански“ ќе настапи на турнир во Романија и тоа против домашната Орадеа и унгарски Шолнок.