МЗТ ги кани навивачи на Работнички: Дерби без тензии – не е дерби!

Најлутите кошаркарски ривали кај нас, екипите на МЗТ Скопје и Работнички утре, во салата „Јане Сандански“ (20.15 часот), првпат сезонава ќе ги одмерат силите, а во пресрет на овој дуел организаторот од Аеродром упати специјална покана до навивачите на противникот да дојдат и да ги бодрат своите миленици.

Аеродромци објавија дека билетите, кои се по цена од сто денари, се пуштени во слободна продажба и дека не е ограничен бројот на фанови на актуелниот шампион кои може да се најдат на трибините.

„Пресметката помеѓу најлутите ривали секогаш носел фантастични дуели на паркетот, но и надвикување на трибините помеѓу најверните навивачи на двата тима. Тоа е ривалство кое е исто важно и големо колку и тоа помеѓу играчите на вечните противници. јавно ги повикуваме навивачите на Работнички утре слободно да дојдат во „Јане Сандански“ и со навивање за своите миленици да го проследат вечното дерби. Ограничувања нема да има, ниту пак некој ќе биде спречен да влезе во салата само затоа што го симпатизира нашиот противник. Билетите се во слободна продажба, секој може да си купи колку сака, сѐ со цел да го вратиме стариот сјај на вечната пресметка“, се вели меѓу другото во соопштението на „металците“.

Работнички сѐ уште е без пораз во новата сезона со скор 4-0 додека МЗТ Скопје има учинок 4-1, откако загуби на гостувањето кај Блокотехна на стартот од првенството.