МТВ поради инаетот на Работнички ќе престане да пренесува домашна кошарка?!

Со одбивањето во дури два наврати да го закаже вечното дерби против МЗТ Скопје во термин кој би одговарал за директен пренос, управата на Работнички го навлече гневот на Македонската телевизија (МТВ) од каде што доаѓаат најави за бојкот на преостанатиот дел од Суперлигата и плејофот.

Центарци одбија да прифатат телевизиски прифатлив термин за вчерашната средба, која ја закажаа речиси во исто време со финалето на ракометната СЕХА-лига кое се играше во Скопје, а истото го направија и за денешниот одложен обид да се одигра вечното дерби во Гостивар. МТВ за вечерва понудила два термини, 17.45 и 20.15 часот за да може средбата да биде пренесувана на нивниот убедливо најгледан прв канал, но тоа не било прифатено од луѓето од Работнички, кои инсистирале да се игра во период (19 часот) кој се совпаѓа со централниот дневник.

Во ситуација кога не им е слободен собранискиот сервис, на новинарите од спортската редакција на националниот сервис не им преостанало ништо освен да кренат раменици и да ја прифатат несфатливата за нив, а и за пошироката јавност, реалност.

„Во наредните ден-два, МТВ ке реши дали во вакви околности, кога нуди речиси сѐ, особено кога станува збор за дерби-мечевите, а најчесто излегува главен виновник и покритие за туѓи перфидни игри, ке продолжи со пренесување на натпреварите од домашниот кошаркарски шампионат до крајот на сезонава", велат од МТВ.

Ако луѓето од националниот сервис останат доследни и ја спроведат заканата, први „жртви“ на нивната политика би биле токму навивачите на Работнички, кои нема да може да го проследат настапот на своите миленици на дербито против Блокотехна во Гевгелија закажано за следното коло. Ваквиот потег на 14-кратниот шампион беше осуден и од спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски.