МКФ жестоко го казни Гостивар за инцидентот со судиите во Гевгелија!

Екипата на Гостивар мина без суспензии за некој од кошаркарите за инцидентот по поразот во полуфиналната пресметка против Блокотехна на завршниот турнир од Купот на Македонија, но затоа доби голем удар по клупската каса.

Поголем дел од играчите на гостиварскиот суперлигаш, незадоволни од наводното лошо судење, ги обиколија делителите на правдата и вербално им се нафрлија, а ептен малку фалеше да дојде и до физички контакт што не се случи само поради присебноста на тренерот Марјан Србиноски. Највоинствени и жестоки во навредите биле Јурај Сегариќ и Ивица Димчевски, кои се „заканувале, навредувале и неспортски се однесувале“ за што биле пријавени од судиите, а потоа и казнети од в.д. Комесарот со казна од по 40.000 денари или вкупно 1.300 евра за тимот од Западна Македонија.

Тоа воедно е и единствената казна за машкиот дел од завршниот турнирот, кој слободно може да се потенцира како еден од нафер и најспортски одржаните и одиграните во досегашната историја на ова натпреварување.