МКФ реагира со декрет: Нема повеќе да се злоупотребуваат деца во кошарката! (ФОТО)

Челниците на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) денеска ги потсетија раководствата на клубовите, но и официјалните лица задолжени за регуларност на натпреварите дека во иднина нема да се толерира злоупотреба на деца во сениорска кошарка, нешто што минатата недела ја брануваше спортската јавност кај нас.

Од Куќата на кошарката е испратен допис дека во иднина ригорозно ќе се применува членот 13.1 од Пропозициите за натпреварување во кој се вели дека за секој играч помлад од 16, но и постар од 45 години е потребна посебна здравствена дозвола, нешто што изминатиов период не беше применувано. Токму поради ваквото замижување, во Првата лига на жени бевме сведоци на деби на девојче кое има само 12 години во тимот на Клупски Патриот, но и регистрација на 59-годишен кошаркар во второлигашот Куманово.

На иницијатива на Здравствената комисија, чиј претседател Слободан Николиќ беше згрозен од фактот што деца од 10-14 годишна возраст се пријавени за настап во сениорската елита, секоја екипа во иднина ќе мора да најави употреба на играчи од оваа категорија и тоа 48 часа пред средбата. Пред почетокот, пак, на средбата, овие тимови ќе мора да делегатот да му приложат медицинска потврда дека малолетникот е способен за настап меѓу сениорите. Според Николиќ, овие прегледи мора да се направат од двајца специјалисти од кои едниот мора да биде психолог.

Реакцијата на МКФ доаѓа по пишувањата на „Спорт1.мк“, кои донесоа бурни реакции во кошаркарската заедница, каде што апсолутно никој нема оправдување на фактот што во Првата лига за жени дури половина од кошаркарките се малолетни, а околу 30-отсто се под границата за која е потребна специјална медицинска потврда за настап. Најкарактеристичен пример за овој проблем е тимот на Клупски Патриот, чија просечна старост на пријавените кошаркарски е неверојатни 14,3 години.