МКФ: Кој не плати до утре ќе биде суспендиран, а потоа и - избркан од лига!

Челниците на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) денеска испратија апел до клубовите кои имаат долгови кон Куќата на кошарката своите обврски да ги исполнат најдоцна до утре бидејќи во спротивно ќе бидат – суспендирани.

Овој рок дојде по преговорите со Здружението на прволигашите пред повеќе од еден месец, период во кој мал дел од клубовите го платија долговите кон МКФ.

„Доколку финансиското долгување по било која основа не се подмири во пропишаниот рок , Комесарот за натпреварување ќе изрече суспензија. За време на суспензијата, играчот, односно клубот нема право на настап. Клубот ги губи натпреварите со службен резултат 20:0 во корист на противникот и не добива бод за тој натпревар. Суспензијата важи до подмирување на финансиската обврска на играчот или клубот. Со подмирување на финансиската обврска, суспензијата автоматски престанува да важи“, го цитираат од МКФ членот 51.6 од Пропозициите за натпреварување.

Тимовите можат службено да загубат само еден натпревар, а веќе следниот значи и преселба во понизок ранг, нешто што ретко кој верува дека може да се случи на некој од тимовите кои играат во Суперлигата или во Плејаут-лигата. Екипите кои нема да платат нема да може да ги играат средбите од 6. коло кое е на програмата следниот викенд.