МКФ експресно го поддржа барањето на МЗТ за помалку странци!

Откако македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје денеска покрена иницијатива за намалување на бројот на странски кошаркари кои клубовите би можеле да ги користат на еден меч, од шест на четири странци, Македонската кошаркарска федерација (МКФ) објави дека ги прифаќа барањето и ќе започне постапка за промена во регистрацискиот правилник.

МЗТ побара намалување на бројот на кошаркари со цел да се заштитат домашните играчи и тие да добијат поголема шанса, со цел македонската кошарка да се извлече од калта и да започне рехабилитацијата на домашната кошарка.

„Во врска со барањето на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром АД за промена на член од Регистрацискиот правилник во кој го пропишува бројот на странци во тимовите, Македонската кошаркарска федерација сака да изрази комплетна поддршка за овој предлог и воедно ги охрабрува сите клубови да застанат позади иницијативата на актуелниот шампион.

Тригодишните заложби на актуелното раководство на Македонската кошаркарска федерација за унапредување на квалитетот на младинските категории и заздравување на развојот на нашата иднина ја увиде и еден од водечките клубови во македонската кошаркарска историја и се надеваме дека низ конструктивни и заеднички разговори помеѓу сите инволвирани фактори ќе дојдеме до квалитетно и брзо решение за поставување на квалитетна основа за успешност на идните генерација.

Македонската кошаркарска федерација ќе ја започне постапката согласно актите на федерацијата за промена на бараниот член во Регистрацискиот правилник“, објави МКФ.

Во актуелниот член 32.5 во моментов е запишано дека „клуб во Прва лига мажи има право на пријавување и настап најмногу 6 (шест) странски играчи во составот на еден натпревар, но на терен во игра, да нема помалку од два домашни играчи“.