Мираковски: Конечно сфативме дека ваквите мечеви се добиваат со – одбрана!

Екипата на Работнички далеку потешко од очекувањата, барем на своите навивачи, го совлада ТФТ (66-62) и се пласира во полуфиналето од Купот на Македонија, нешто што воопшто не беше изненадување за тренерот Димитар Мираковски.

Тој го испофали противникот, потенцирајќи дека е среќен што неговите избраници конечно сфатиле дека средбите се добиваат со одбрана.

„Сите што разбираат кошарка, знаат колку квалитетна екипа е ТФТ. И на претходните две средби се мачевме со нив и знаевме дека нема да биде лесно. Се обидоа со комбинирана одбрана, на што бевме подготвени, но ни затаи нападот, бидејќи промашивме многу отворени шутеви. Мене ме радува што играчите сфатија дека вакви натпревари се решаваат со добра одбрана, па стиснаа заби и покажаа дека можат да играат дефанзивно. Првиот натпревар секогаш е најтежок. Игравме во грч и мислам дека од утре ќе бидеме послободни, а згора на тоа ќе имаме и четворица странци во ротацијата, што е одлично за нас“, изјави Мираковски.

Работнички во утрешното полуфинале ќе ги одмери силите со подобриот од мечот помеѓу Еуро Никел и Гостивар (17.15 часот).