Мираковски: Ќе треба да изгинеме за да го победиме МЗТ во финалето!

Втор ден по ред, кошаркарите на Работнички водеа тешка битка на паркетот во салата СРЦ „Кале“ и вторпат излегуваат како победници, прво против ТФТ, а денеска и против Еуро Никел, со што дојдоа во шанса да го одбранат трофејот во Купот на Македонија.

Последна пречка за центарци на патот кон остварување на целта е вечниот ривал МЗТ Скопје, пресметка закажана за точно 20 часа од моментот кога ја завршија жестоката борба за кавадарчани. Тренерот Димитар Мираковски вечерашната средба ја подели на два дена, лошо прво и одлично второ полувреме, а и го посочи патот кон триумф против ривалот од Аеродром.

„Одигравме прво полувреме во кое немавме агресивност, функционална одбрана и притисок на топка, поради што примивме 40 поени. Во второто полувреме ја зголемивме агресивност, ја притиснавме предна линија на противникот, а и центрите дадоа свој придонес во овој елемент и дојдовме до резултатот на крај. Играчите сфатија дека ова е Куп и дека секој ја гледа својата шанса. Овде има квалитетни екипи, најквалитетните во лигата. Нема да ни биде лесно против МЗТ. Играчите мора да бидат свесни дека во финале се дава сѐ од себе и буквално се гине на теренот“, изјави Мираковски.

Еуро Никел покажа срце, желба и квалитет и малку фалеше да дојде до финалето, што секако немаше да биде незаслужено.

„Покажа храбра борба и на тоа сум горд. Крајно изедначен меч, кој, според мене, е како финале. Полн сум со емоции и сега нема да го коментирам натпреварот. Влеговме рано со лични грешки, но машки издржавме и се боревме до крај. Останува да се рехабилитираме после поразот и в среда да одиграме добра кошарка против Гостивар во плејофот“, изјави Самарџиев.

Финалето во Купот на Македонија ќе се одигра утре во СРЦ „Кале“ со почеток во 17.30 часот.