Лукајиќ: Дојдов да го „разбудам“ МЗТ и да ги натерам кошаркарите да играат со - срце!

Промената на тренерот среде сезона најчесто делува како шок-терапија која треба да ги разбуди играчите и да донесе промена на подобро, барем такви се ваквите искуства во кошарката, а и надежите на луѓето во таборот на МЗТ Скопје, каде што вчера Жељко Лукајиќ и официјално го пополни местото на досегашниот стратег, Александар Тодоров.

Искусниот Србин со потекло од БиХ денеска и официјално ги „засука ракавите“ и се фати со работа, со оглед што ќе дебитира веќе утре и тоа во меч против Морнар (17 часот) кој и тоа како може да ја одреди судбината на аеродромци во АБА-лигата. За сино-белите ова е дефинитивно да се биде или не меч за опстанок во регионалното натпреварување.

„Морнар е одличен тим, со квалитетни странци каде што лидер е Американецот Дерек Нидам. Истовремено, тие се силни на секоја позиција, а под кошот го имаат и доминантниот Урош Луковиќ, чии квалитети им се добро познати на сите во Македонија. Нивната предност е во континуитетот на играта и на резултатите, како и во атмосферата која владее во екипата. Иако никогаш ништо не се мора до толку, ние сме во ситуација во која мораме да одиграме со срце и да пробаме да победиме. Со тоа би ја кренале самодовербата, а и би добиле во време за подобро да се запознаеме и да продолжиме да работиме со уште посилно темпо“, вели новиот стратег на македонскиот шампион.

Лукајиќ истовремено ги сподели и првите импресии по доаѓањето во Македонија, во клуб кој, според неговите зборови, одлично го познава.

„Свесен сум дека доаѓам во клуб со голема традиција, а се сеќавам уште кога МЗТ Скопје првпат влезе во најдобрата лига на некогашната заедничка држава. Јасно ми е каде доаѓам, изминатиов период следев сѐ што се случува во АБА-лигата и добро сум запознаен што ме очекува во новата средина. Ги знам силите со кои располагам, а сега најважна задача ми е да ги уверам кошаркарите во квалитетот кој го имаат и да го насочам сето тоа кон успешни резултати на клубот. И за нив самите е лошо кога влегуваат во низа порази, па затоа сум убеден дека и тие ќе сакаат да дадат сѐ од себе за што побрзо со заеднички сили да излеземе од кризата. Ќе мора да ја кренеме главата, да поработиме на психата и пред сѐ секој мора да ја сфати својата улога во тимот“, објаснува Лукајиќ.

Новиот предводник на аеродромци уште не ги познава доволно работите во новата средина за да даде некоја прогноза за очекувањата на крајот од сезоната.

„Рано е за генерални прогнози. Моите очекувања во моментов се сведуваат само на тоа дека и јас и моите кошаркари ќе бидеме професионални и дека ќе го вложиме својот максимум. А, ако го сториме тоа тогаш многу полесно може да ја изанализираме ситуацијата и да дадеме оценка на тоа што го сакаме да крајот од сезоната. Досегашните искуства велат дека едни вакви шок-терапии со промени на тренерот носат добри резултати. Но, шокот трае кратко и без максимално вложување на енергијата не може да се направи ништо. Треба да се тренира што е можно повеќе, да се исправаат грешките во од бидејќи и време нема многу со оглед на настапот на две различни натпреварувања. Сепак, секогаш сум оптимист и верувам дека ќе дојдат подобри времиња за МЗТ Скопје“, завршува искусниот стратег.

Лукајиќ на располагање ќе ги има сите 12 играчи кои се на ростерот на „металците“, а првото запознавање со нив ќе биде попладнево на тренингот во салата „Јане Сандански“. МЗТ Скопје во моментов е последен во АБА-лигата со скор 2-8, а не му цветаат рози ниту на домашна сцена каде што има дури три порази во само осум меча, што е најлош старт на екипата од „Јане Сандански“ во јадранската ера на клубот.