Лечиќ е газда во Градски парк - го „избрка“ Докузовски од неговата клупа! (ФОТО)

Хуманитарниот кошаркарски меч за помош на 25-годишната Ирена Танчева предизвика повеќе од солиден интерес со оглед што во салата „Градски парк“ се најдоа неколку стотини спортски вљубеници да го проследат дуелот помеѓу првиот тим и ветераните на Работнички.

Пресметката уште од стартот донесе „инцидент“ откако тренерот на актуелниот шампион, Марин Докузовски, за првпат во долгогодишното седење на клупата на центарци принудно беше преселен на клупата наменета за гостинските екипи. Причина за тоа беше фактот што тренер на ветераните на Работнички е легендата на овој клуб и на македонската кошарка воопшто, Лазар Лечиќ.

„Морам да го слушам главниот. Лазо дојде и си седна на неговото место во салата и јас тоа морам да го почитувам. Не ми е проблем да ја водам средбата од место кое традиционално не е мое од почит за легенда каква што е Лечиќ“, со насмевка прокоментира Докузовски.

Составот на ветераните и тоа како не е за потценување со оглед што е предводен од тројниот европски шампион Перо Антиќ, а во него играат поранешни репрезентативци со многу шампионски титули како Тодор Гечевски, Перо Блажевски, Тони Симиќ, Александар Димитровски, Борис Нешовиќ, Алек Јончевски, Ристе Стефанов, Марјан Србиновски и Енес Хаџибулиќ.