Купот на Македонија и трета година по ред нема да се одигра во предвидениот термин?!

Завршниот турнир од Купот на Македонија, речиси сигурно и трета година по ред нема да се игра во терминот предвиден во календарот за натпреварување, односно кога ова натпреварување се игра речиси во цела Европа, откако одново репрезентацијата ќе добие приоритет во однос на пресметките на клубовите.

Според предвиденото, фајналејт-турнирот од првото издание на „Купот Благоја Георгиевски-Буштур“, име кое го доби лани во март во знач на почит на легендата кога трагично загина пред една година, треба да се одигра во периодот помеѓу 12 и 14 февруари. Но, тоа е невозможно да се оствари, со оглед што селекторот Александар Тодоров стартот на подготовките на националниот тим на Македонија го закажа за 8 февруари. Засега нема никаква официјална информација за ова од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), но се очекува наскоро пролонгирањето на Купот да се официјализира, пред сѐ и поради фактот што досега не се преземени какви чекори за наоѓање домаќин на завршниот турнир, кој традиционално се определуваше преку лицитација на заинтересираните кандидати.

На речиси идентично сценарио бевме сведоци и лани, кога во пресрет на стартот на квалификациите за ЕП 2022 беше пролонгирана предвидената куп-завршница, која потоа и воопшто не беше одиграна поради пандемијата со коронавирусот. Тогаш одложувањето не донесе голем бенефит, бидејќи жолто-црвените ги загубија двата меча во ланскиот февруарски циклус и тоа дома против Естонија и на гости против Русија. Овој пат четата на Тодоров ја очекува уште потешка задача, а тоа се одигрување четири средби во само пет дена во рускиот град Перм, во кои бркаме победа над Естонците со најмалку десет поени разлика и по можност уште најмалку една во двата дуели со Италија и уште еден со Русите, за да дојдеме до пласман на следниот континентален собир.

Куп-завршницата и пред две години не се одигра во општо прифатениот во европската кошарка и во кој има пауза во натпреварувањата по капата на ФИБА, но и во АБА2-лигата во која настапуваат МЗТ Скопје и Работнички и тоа поради големата автобуска несреќа кај Лескарци во која имаше двоцифрен број загинати, претежно од Гостивар. Големата тага во овој град беше причината поради која управата на гостиварскиот прволигаш побара одложување на Купот, што секако беше прифатено од останатите учесници и од КФМ, па за трофејот се играше два месеци подоцна, односно во април во претходно определениот град-домаќин, Гевгелија.

Ако се оствари сосема реалното сценарио за ново пролонгирање на „Купот Благоја Георгиевски-Буштур“, тогаш тоа ќе значи и дека претседателот Перо Антиќ ќе почека и во третата календарска година од својот мандат да го додели својот прв пехар во ова натпреварување. Тој дојде на власт во 2019 година, но откако се одигра турнирот во Гевгелија на кој триумфира Работнички, а минатата година не најде начин како да го организира завршниот турнир од ова натпреварување.