Куманово го изненади Кожув и ги расплака кошаркарите на – Пелистер!

Кошаркарите на Куманово го направија најголемиот исчекор кон пласман во Суперлигата, откако вечерва, на домашен терен, го совладаа тимот на Кожув (79-67).

Со овој триумф, тие најмногу го расплакаа играчите на Пелистер, на кои не им дозволија премногу да се израдуваат на вечерашната победа над Вардар (96-81). Кумановци ја задржаа предноста од две победи во однос на пелистерци (9-7) и тоа на три кола до крајот на првиот дел од првенството во Првата лига, па сега само чудо може да ги спречи да дојдат до шестото место на табелата.

Двата тима имаат два исти противници до крајот и тоа талентите од МЗТ Скопје УНИ Банка, како и Гостивар, кој се бори за првата позиција, со тоа што Куманово фаворитот го пречекува дома, а битолчани му гостуваат. Кошаркарите на Пелистер му гостуваат и на уште еден тим што се бори за висок пласман и тоа Кожув, додека кумановци му одат на Еуро Никел.

Со оглед што двете екипи речиси сигурно ќе дојдат до триумф против вториот тим на МЗТ, тогаш битолчани ќе бидат приморани да ги победат и двата фаворити на нивни терен за да дојдат до посакуваната Суперлига, бидејќи имаат подобар меѓусебен скор во однос на директниот конкурент. А, за сето ова да биде доволно, Куманово ќе мора и да ги загуби двете средби на домашен терен.

Во останатите две средби од 15. коло, утре силите ќе ги одмерат Работнички и Еуро Никел (18 часот) и Академија ФМП и МЗТ Скопје (17 часот). Синоќа, Гостивар лесно го совлада МЗТ Скопје УНИ Банка (89-69).