Кошаркарите на Работнички по пауза од четири години одново ќе се најдат во ситуација да се борат за шампионската круна, откако вечерва, на домашен терен, повторно лесно и убедливо го совладаа Куманово (81-65) за перфектни 3-0 во полуфиналната плејоф-серија.

За центарци тоа ќе биде 19-ти пласман во големото финале во кое ќе пробаат конечно да дојдат до 15-тата титула односно ќе се вратат на победничкото место на пиедесталот по пауза од дури девет години. Црвено-белите последен пат играа за трофејот во 2014 година кога со 3-1 загубија од МЗТ Скопје, а титулата последен пат заврши во „Градски парк“ веќе далечната 2009 година кога во финалната пресметка беше совлада Фени индустри со 4-2 во победи.

Избраниците на тренерот Марин Докузовски и вечерва победата ја осигураа уште во првата четвртина, која ја завршија со предност од 15 поени (24-9), а до крајот само умешно ја одржуваа позитивата. Стручниот штаб умешно ја распредели минутажата за да не дојде до претеран замор кај носителите на играта, додека гостите веќе со мислите беа на некоја плажа па нивната игра соодествуваше на ваквиот начин на размислување.

Американеците Маркус Гинјард и Шон Еванс со по 17 поени беа најпрецизни кај Работнички, додека Бобан Стајиќ и Адем Мекиќ со 15 односно 12 поени беа најефикасни кај Куманово.

Во втората полуфинална серија, МЗТ Скопје води со 2-1 во пресметката со Блокотехна пред утрешниот четврти дуел кој ќе се одигра во Гевгелија со почеток од 18.30 часот.