Кожув прв ги одигра сите средби и сега „виси“ помеѓу рајот и - пеколот!

Кошаркарите на Кожув први ги одиграа сите 22 средби од првата фаза од домашното првенство, откако дојдоа до важна победа во последниот меч на домашен терен против Куманово (79-76), кој ги остави во живот за место во плејофот.

Дали гевгеличани ќе играат за титула или опстанок сега не зависи од нив самите туку од екипата на ТФТ. Причина за тоа е фактот што Кожув регуларниот дел од сезоната ја заврши со учинок 10-12, со што е на границата помеѓу осмото и деветото место на табелата, што истовремено е и граница помеѓу рајот и пеколот. Тимот од Гевгелија би завршил на последното место кое води во плејофот само во случај ТФТ да го победи нивниот директен конкурент Академија ФМП во заостанатиот меч закажан за 29 април. Аку „академците“ слават на оваа средба, тогаш некогашниот плејоф-финалист ќе се најде меѓу четирите тима што ќе пробаат да избегнат едно од последните две места кои водат во понизок ранг.

Кумановци по овој пораз имаат скор 10-8 и само чудо може да ги спречи да не се најдат меѓу осумте најдобри, а тоа е да ги загубат сите четири преостанати средби до крајот на регуларниот дел од сезоната, во кои играат против Еуро Никел, Црн Дрим, МЗТ Скопје и Вардар, сите на гостински терен. Тие се единствените што би можеле да влезат во круг со Кожув и евентуално Академија ФМП, но тешко е да се поверува дека екипата од најсеверниот град во државата нема да дојде барем до еден триумф до крајот, како заверка за пласман во плејофот.