Кожув прегазен во Битола: Пелистер со нова „стотка“ им се врати на победите!

Кошаркарите на Пелистер на најдобар можен начин, со убедлива победа во вечерашната пресметка со Кожув (102-81) им се вратија на победите во домашната елита по првиот пораз сезонава претрпен пред неколку дена на гостувањето кај ТФТ.

Битолчани одиграа во свој стил, брзо и ефикасно, а клучната разлика ја обезбедија во третата четвртина, во која речиси и да не промашија и која ја добија со преубедливи 36-20. Сето останато беше само рутинско одработување на задачата за деветта победа во десетиот меч и потврда на лидерската позиција на табелата. Гостите од Гевгелија не успеаја да врзат и трет триумф во низа, па го претрпеа петтиот пораз во седмиот дуел одигран сезонава.

Игор Кесар и Бобан Стајиќ со по 21 поен беа најефикасни кај Пелистер, кој шести пат постигнува троцифрен број поени, додека Никола Малешевиќ постигна 19 поени. Никола Силаџи со 27 поени беше единствен расположен во тимот на Кожув.

Победа вечерва оствари и Гостивар на домашен терен во дуелот со Академија ФМП (92-81), со што двете екипи се изедначија по бројот на победи (шест), но гостиварци од девет, а гостите од Кисела Вода од десет натпревари. Претходно денеска, Вардар како гостин го совлада Црн Дрим (81-68), а ТФТ беше подобар од Куманово (94-88), додека вчера Еуро Николе лесно го совлада МЗТ Скопје УНИ Банка (90-79).

Дербито помеѓу МЗТ Скопје и Работнички е одложено.

ФОТО: КК ПЕЛИСТЕР