Кожув и Еуро Никел ептен убедливи, Куманово едвај ја преживеа Кисела Вода

Фаворитите дојдоа до победите во трите денешна меча од второто коло од кошаркарската Прва лига, по кое Еуро Никел (поранешен Фени индустри) и Куманово останаа непоразени, додека Кожув дојде до првата победа сезонава.

Кавадарчани полесно од очекувањата го преслушаа Пелистер (91-69), пред сѐ поради фантастичниот шут од далечина и постигнатите 21 тројка со 55-отстотна прецизност. Ова беше меч во кој блескаа ветеранот Јане Петровски со 27 поени (седум тројки), Американецот Александар Марзет со 21 поен (пет тројки) и Дарко Соколов 15 поени со 5/5 шут за три поени. Мекиќ со 17 и Казарновски со 16 поени беа најпрецизни кај битолчани.

Составот од Гевгелија, пак, немаше мака на гостувањето против Вардар (85-64), пред сѐ поради тимската игра која им донесе пет играчи со двоцифрен поентерски ефект. Литванецот Зданавичиус со 16 поени беше најефикасен кај Кожув, додека зад него беа Димитар Караџовски со 14 и Предраг Пајиќ со 11 поени. Робев со 16 поени беше прв стрелец кај црвено-црните.

Кумановци дури во третиот период го скршија отпорот на дебитантот Академија ФМП од скопска Кисела Вода (93-80), откако го добија овој дел од играта со 14 поени разлика (29-15). Давид Миладиновиќ постигна 22 поени, Марјан Јанески дополни 21 поен и 11 скока додека Марјан Младеновиќ имаше ефект од 13 поени и 10 асистенции во победничкиот тим, додека Американецот Роналд Херис со 29 поени беше прв стрелец кај ФМП.

Вчера, МЗТ Скопје беше подобар во братското дерби со МЗТ Скопје УНИ Банка, додека дербито се игра утре помеѓу Работнички и Гостивар (18 часот).