Кошарката останува во „илегала“: КФМ одново го одложи стартот на Првата лига!

Кошаркарското првенство нема да почне ниту претстојниот викенд, откако Кошаркарската федерација Македонија (КФМ) денеска и официјално по вторпат го пролонгира стартот на Првата лига.

„Имајќи ја в предвид епидемиолошка ситуација во земјата и фактот дека бројот на ново заболени секојдневно се зголемува, раководството на КФМ донесе одлука за одложување на почетокот на натпреварувачката сезона во Прва лига-мажи. Во очекување на комплетните резултати од ПЦР-тестирањето за коронавирусот кое го спроведуваме, а со кое беа опфатени сите прволигаши, како и официјалните лица, а поради неможноста да се предвиди временската рамка во однос на евентуалниот почеток на првенството, во овој момент не може да се гарантира дека започнувањето на националниот шампионат би имал регуларен тек. Во наредниот период, федерацијата ќе ја следи состојбата во нашата држава од здравствен аспект. Во консултации со Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, ќе биде донесена одлука за почетокот на натпреварите од Првата лига-мажи“, се вели во соопштението на КФМ.

Во моментов речиси да нема клуб во кој нема позитивен на Ковид-19, освен Пелистер каде што сите се негативни на скринингот, откако Академија ФМП, Вардар и МЗТ Скопје веќе се во изолација, која Работнички веќе ја мина по заразувањето на Американецот Демиер Питс.